Објавен е победникот на Critic’s Choice наградата во рамките на Британските музички награди 2019. Тоа е Sam Fender.
Тој ја добива наградата во значаен момент за неговата кариера. Во последните месеци беше зафатен со турнеја низ Британија и Европа, полека градејќи ја својата армија на лојални фанови. Овој млад музичар со база во Њукасл неодамна го издаде и своето деби EP, “Dead Boys”.
За Critic’s Choice наградата годинава беа номинирани уште Lewis Capaldi и Mahalia. Наградата им се доделува на талентирани музичари на кои им се предвидува успех во годината која претстои, а во која треба да го издадат својот деби албум. За победникот гласа специјален експертски тим составен од музички уредници во поголемите британски весници, музичките и лајф списанија и музичките веб сајтови, како и главните луѓе од големите ТВ и радио станици.
Претходни добитници на Critic’s Choice наградата се Adele, Florence + The Machine, Emeli Sande, Sam Smith, Rag’n’Bone Man и Jorja Smith.
Номинациите за Британските музички награди 2019 ќе бидат објавени на 12 јануари, а новото издание на наградите ќе се одржи на 20 февруари во лондонската Арена.
28.12.2018